Камбекот на Мајк Тајсон доби целосна поддршка од претседателот на Светскиот боксерски совет (ВБЦ), Маурисио Сулаиман, кој дури вели дека неговата федерација би го санкционирала можниот меч на „Челичниот“ против Тајсон Фјури за ВБЦ титулата на Британецот.
Тајсон предизвика вистинска бура од реакции со потврдата дека се подготвува за враќање во рингот на 53 години, но само за егзибициски мечеви за добротворни цели. ВБЦ шампионот Тајсон Фјури неодамна објави дека добил понуда да боксува со човекот по кој е крстен, и Сулаиман вели дека тие нема да имаат против таков меч доколку ги помине егзибициските тестови.
„Мајк е Мајк Тајсон и тоа го знаеме сите. Дали би го рангирале? Ако добие лиценца за бокс, тогаш можеби покрај тоа што стана најмладиот шампион во тешка категорија, ќе стане и најстариот шампион. Има историја зад себе, има моќен удар како што повторно видовме. Тоа е боксот. Ако помине низ егзибициските мечеви, тогаш ќе може да боксува и со лиценца. Тогаш ќе размислуваме за меч за титула. ВБЦ е тука за него, бидејќи Мајк Тајсон е херој, икона“, вели Сулаиман.