Додека европскиот фудбал е целосно стопиран, а истото се случува и со американските спортови и професионалните лиги, на ТВ-гледачите им остануваат само репризите, или малку снукер.
Денеска, додека се откажаа Премиер лигата, Бундеслигата, рагби турнирот „6 нации“, велосипедската Џиро Д’Италија, маратоните во Лондон и Бостон, голферскиот САД мастерс, се играше снукер на Гибралтар опен, иако постои ограничување од само 100 гледачи по партија.
На турнирот утре игра светскиот шампион Џад Трамп, а на него се и ѕвездите Нил Робертсон, Али Картер, Стивен Мегвајр, Дејвид Гилберт, Џими Вајт и Греем Дот. Снукерот најверојатно ќе ја заврши својата сезона – следната недела треба да се игра Тур шампионатот со осум играчи, додека Светското првенство во Шефилд почнува на 18 април.
„Нашата цел засега е да нема откажувања и да се оддржат сите турнири. Ќе ги следиме советите на владите за здравјето на нашите фанови и играчи, но сакаме да продолжиме“, се вели во соопштението на Светската снукер турнеја (WST).