Top Sport

(Видео) Билбао ја посвети етапната победа на ТдФ на починатиот колега Мадер

Шпанскиот велосипедист Пелјо Билбао првпат во својата кариера победи на етапа на Тур де Франс триумфирајќи на 10. етапа во Исоар за да ја посвети на својот колега Џино Мадер, кој го загуби животот на Трката околу Швајцарија минатиот месец.

Билбао го победи Георг Цимерман во финишот во кој шест велосипедисти беа во групата која се бореше за триумф, по што заедно со неговиот тим „Бахреин викториус“ му одадоа почит на 26-годишниот Мадер, кој загина при паѓање во провалија на Трката околу Швајцарија.

„Сеќавањето на Џино беше единствена причина за оваа победа. Беше тешко да се подготвувам последните две недели со него во умот, но поминав време со моето семејство и тоа ми помогна. Сакав да победам на првите баскиски етапи, но тоа не беше возможно и затоа ја чекав мојата шанса. Прва победа на ТдФ по 13 години е нешто посебно и ова е само за Џино“, изјави Билбао по трката.

Во генерален пласман, главната група пристигна на целта по речиси три минути од победничката група, а Јонас Вингегард остана во жолтата маичка со 17 секунди предност пред Тадеј Погачар. Билбао се искачи на петтото место во генерален пласман.

Scroll to Top