Седумкратниот гренд слем шампион, Швеѓанецот Матс Виландер смета дека Александер Зверев мора да добие поголема казна за насилничкото однесување на Мексико опен во Акапулко.
Зверев во меч во двојки удри со рекетот неколку пати во столчето на судијата, по што беше исфрлен од турнирот и казнет со 40.000 долари. Виландер вели дека тој мора да биде построго казнет и да биде приморан да оди на терапија пред да се врати на АТП турнејата.
„Ако тенисер искрши рекет на столчето на судијата и е на сантиметри од неговата нога, не треба да му дадете да се врати на тениските терени додека не отиде на рехабилитација, на некоја терапија. Мора да го казнат и да не дозволат да се врати за недела-две. Парите не го прават тоа, ако го казните со тримесечна или шестмесечна суспензија, тогаш ќе биде поинаку. Вакво однесување не смее да е дозволено“, вели Виландер за „Јуроспорт“.