Top Sport

Вимблдон е институција, премија од 10 милиони фунти, а турнирот е откажан

Годинешното издание на неофицијалното светско првенство во тенис – Вимблдон беше откажано поради пандемијата на коронавирусот, првпат по Втората светска војна.

Денеска, на денот кога требаше да се игра полуфиналето, организаторите на турнирот објавија дека на сите играчи кои според ранкингот требаше да бидат дел од Вимблдон ќе им бидат исплатени 10 милиони фунти како помош во време на кризата.

На тој начин, сите играчи според АТП рангирањето кои требаше да влезат во главниот турнир ќе добијат по 25.000 фунти. За оние најдобрите тоа се „ситни пари“, но за играчите што имаат ранкинг под 128 место, тоа е голема помош.

Секој играч кој требало да настапи во квалификациите ќе добие по 12.500 фунти, а секој играч во двојки по 6.250 фунти.

Помали износи ќе добијат судиите кои требаше да работат на турнирот.

„Штом го откажавме турнирот, ги разгледувавме опциите како да им помогнеме на оние кои секоја година се на нашиот турнир. Во прв ред се играчите кои се во многу неблагодарна ситуација, можеби и во финансиски проблеми. Драго ни е што нашата политика на осигурување на играчите успеа, па ќе поделиме помош“ – рече извршниот директор на турнирот, Ричард Луис.

Scroll to Top