Американската 15-годишна тенисерка Коко Гоф е несомнено сензацијата на овогодишниот Вимблдон, откако тинејџерката успеа да спаси две меч-топки и да стигне до победа за пласман во четвртото коло.
На полниот „Централен терен“, тинејџерката која ја елиминираше петкратната шампионка Венус Вилијамс, стигна до борбена 3:6/7:6(7)/7:5 победа над Словенката Полона Херцог. Откако со двојна сервис-грешка и го предаде првиот сет на Херцог, Гоф беше пред пораз откако губеше со 4:1 во вториот сет, но направи неверојатен кам-бек за уште една славна победа.
„Знаев дека можам да се вратам без разлика на резултатот. Публиката беше фантастична и дури кога бев на меч-поен тие навиваа за мене“, вели Гоф, која сега има супер-тешка задача против поранешната светска тенисерка број 1 и една од фаворитките за титулата, Симона Халеп.
Гоф прво беше најмладата тенисерка која се квалификувала на Вимблдон во Опен ерата, потоа стана најмладата тенисерка која се пласирала меѓу најдобрите 32 од 1991 година. Таа докажа дека 6:4/6:4 победата над Венус не е случајна, откако во второто коло ја победи Магдалена Рибарикова, за да добие чест да игра на „Централниот терен“.