Top Sport

Владимир Кличко се откажа од враќањето во рингот

Владимир Кличко стави крај на сите шпекулации за враќање во боксерскиот ринг за ри-меч со Ентони Џошуа, и украинскиот поранешен шампион во тешка категорија останува пензиониран.

Кличко беше поврзуван со мега-понуда од 100 милиони долари преку платформата„ДАЗН“, која вклучуваше и ри-меч со последниот човек кој го нокаутираше, Ентони Џошуа, Британецот кој неодамна ги загуби титулите во тешка категорија од Мексиканецот Енди Руиз Јуниор.

„Помирен сум со мојата одлука да сопрам со боксот и да се обидам со друга кариера. Тоа е тоа, нема што да се зборува“, изјави 43-годишниот Кличко за „Сан“.

Украинецот, кој се повлече по нокаутот на „Вембли“ од Џошуа во 2017 година вели дека не му пречи што заминува со пораз.

„Никогаш не сум освоил нешто повеќе од тој пораз. Имам многу победи, но на мечот на ’Вембли’ научив нешто што е многу значајно. Мислев дека неуспехот не е возможен, но денеска знам дека поразот со достоинство е можен“, вели Кличко.

По крајот на 21-годишната боксерска кариера, тој сега предава на универзитети (има диплома во спортска наука), а исто така е сопственик на хотел.

Scroll to Top