Top Sport

Влхова ја победи Шифрин на ноќната сензација во Флахау (видео)

Словачката Петра Влхова се промовираше во главен ривал на алпската „кралица“ Микаела Шифрин, откако триумфираше на ноќниот слалом во Флахау и покрај тоа што беше трета по првото возење.

Ова е седма победа во кариерата на 23-годишната Влхова и трета оваа сезона, но првпат во кариерата во слалом е пред Американката, која беше лидер по првото возење. Влхова претходно беше втора зад Шифрин на слаломските трки во Загреб, Осло, Куршевел и Килингтон.

Влхова имаше комбинирано време од 1:52.85 благодарение на блескавото второ возење, за да биде подобра за 0.15 секунди од Шифрин, додека третото место го освои Швеѓанката Ана Свен Ларсон со големи 1.05 секунди заостанување. Топ 5 го комплетираа домашната надеж Катарина Линсбергер и Швајцарката Венди Холденер.

Шифрин останува лидер во генерален пласман во слалом со 760 поени, но Влхова е блиску на второто место со 680 поени. Во трката за големиот кристален глобус пак, Шифрин е убедливо на првото место со 1.294 поени, пред Влхова со 848 и Холденер со 559.

Фото: ЕПА

Scroll to Top