Top Sport

Вознијацки ги задржа шансите, сега во директен дуел со Свитолина

Каролине Вознијацки успеа да ја надмине кризата во вториот сет за да ги задржи шансите за одбрана на титулата на ВТА шампионатот во Сингапур, победувајќи ја Петра Квитова со 7:5/3:6/6:2 во интересен меч.

Двете тенисерки го стартуваа мечот со пораз во првото коло, а Данката исто така имаше лоша низа од четири порази едноподруго од Квитова. Иако остана зад основната линија во поголемиот дел од мечот против силната Чехинка, Вознијацки успеа со трпение и постојаност да го добие последниот сет.

„Верував дека можам до победа, како и секогаш кога ќе излезам на теренот. Секогаш се борам до последниот поен“, вели 28-годишната Вознијацки која сака одличната година во која стигна до својата прва гренд слем титула (Австралија опен) да ја заврши со уште еден голем трофеј.

Украинката Елина Свитолина, која ја победи Квитова во првиот меч, во уште еден неизвесен меч во три сета со 6:3/2:6/6:3 ја победи Каролина Плишкова за да стане прва фаворитка за полуфиналето на завршниот елитен турнир, и сега Вознијацки ќе мора со победа над неа да брка место меѓу најдобрите четири.

Фото: ЕПА

Scroll to Top