Top Sport

Вуелта: Вивијани со победа, Квјатковски остана лидер (видео)

Италијанскиот шампион Елија Вивијани покажа зошто го сметаат за еден од најбрзите луѓе на велосипед откако победи во првиот спринтерски финиш на Вуелта Еспања, триумфирајќи на третата етапа, додека Полјакот Михал Квјатковски ја задржа лидерската црвена маичка.

Вивијани (Квик Степ) го совлада својот сонародник Џакомо Ницоло (Трек Сегафредо) и светскиот шампион, Словакот Петер Саган (Бора-Хансгрое) во спринтерскиот финиш по ридестата 178.2 километри долга етапа од Михас до Алхаурин де ла Торе. Французинот Насер Буани (Кофидис) и Италијанецот Симоне Консони (УАЕ Тим Емирати) го комплетираа топ 5 на незгодната ридеста етапа во која имаше 2.5 километри искачување.

Ова е прва етапна победа на Вивијани на Вуелта и доаѓа на јубилејната 1.500 етапа на шпанската трка и неверојатна 58. победа во најдобрата сезона за тимот на Квик-Степ.

„Прекрасно е. Немам зборови за мојот тим кој беше посветен на мојата победа тука“, вели 29-годишниот Вивијани, кој победи на четири етапи на Џиро Д’Италија во мај.

Полскиот шампион Квјатковски (Тим Скај) остана лидер откако заврши во главната група и има 14 секунди пред вчерашниот победник Алехандро Валверде (Мовистар), а трет е Холанѓанецот Вилко Келдерман (Тим Санвеб) со 25 секунди послабо време.

Фото: ЕПА

Scroll to Top