Австриецот Штефан Крафт забележа најдобар резултат во квалификациите пред првиот натпревар на традиционалната новогодишна турнеја Четири скокалници. Најдобрите во квалификациите утре ќе се натпреваруваат на првата станица од 67. издание на турнејата, на скокалницата во Оберстдорф.
Крафт во квалификациите забележа одличен скок од 138,5 метри, што му донесе 153, 1 поен. Второто место му припадна на лидерот во Светскиот куп оваа сезона, Јапонецот Рјоји Кобајаши. Тој имаше идентична должина како и Крафт, но Австриецот освои 0,2 поени повеќе. Најдобрата тројка ја комплетираше Пјотр Жила од Полска кој освои 150,5 поени.
Зад најдобрите тројца се пласираа Андреас Стјернен од Норвешка, Даниел Хубер од Австрија, Роман Куделка од Чешка и Давид Зигел од Германија.
Бранителот на титулата Камил Стох, која лани победи на сите четири скокалници, во квалификациите го освои осмото место.
Утрешниот натпревар на скокалницата во Оберсторф ќе започне во 16.30 часот. Потоа ќе следуваат натпреварите во Гармиш-Партенкирхен (1.јануари), Инсбрук (4.јануари) и Бишофсхофен (6.јануари).