Top Sport

ЗОИ Пјонгчанг: Загитова победи во уметничко лизгање

Младата Русинка Алина Загитова го освои златниот медал во уметничко лизгање на Зимските олимписки игри во Пјонгчанг.

15-годишната Загитова го освои првиот златен медал на Игрите за Русија, чии спортисти во Пјонгчанг се натпреваруваат под името Олимписки спортисти од Русија.

Загитова која вчера, во кратката програма, го собори светскиот рекорд, во петокто совршено ја изведе и својата точка во слободната програма и заслужено го освои златниот медал. Загитова во слободната програма освои 156,65 бода и со вкупно 239,57 бода стигна до најсјаното одличје.

Таа во Пјонгчанг претходно со тимот на Русија освои сребрен медал.

Среброто и припадна на нејзината сонародничка Евгенија Медведева која во слободната програма освои ист број на бодово како и Загитова, но во кратката програма имаше 1,31 бод помалку.

Третото место, со вкупно 231,02 бода, го освои Канаѓанката Кетлин Озмунд. Таа го освои третиот олимписки медал во кариерата. Во Пјонгчанг освои злато со репрезентацијата на Канада, а има и тимско сребро од Игрите во Сочи.

Scroll to Top