Top Sport

Зверев го „здроби“ Ѓоковиќ за својот најголем трофеј во кариерата

Александер Зверев стигна до својата најголема победа во кариерата, откако го совлада светскиот рекет број 1, Новак Ѓоковиќ со 6:4/6:3 во финалето на АТП финалето во Лондон, сопирајќи ја победничката низа на Србинот и во исто време покажувајќи дека неговото време само што доаѓа.

21-годишниот Германец со руско потекло веќе неколку сезони го сметаат за најталентираниот млад тенисер, но до овој трофеј на големите турнири немаше големи остварувања.

Против Ѓоковиќ во преполната „О2 арена“ тој го одигра својот најдобар тенис, упатувајќи невозможни удари од стартот до финишот на мечот за уште еден голем „скалп“ откако претходно го победи и Роџер Федерер во полуфиналето. Сега следната сезона следува „лов“ на гренд слем трофеи.

Со доминантната победа, Зверев станува само третиот Германец со титула на завршниот турнир по Борис Бекер (1988, 1992, 1995) и Михаел Штих (1993).

Ѓоковиќ, пак, и покрај овој пораз не може да биде незадоволен од 2018 година, во која се врати на врвот на светскиот тенис кога многумина го имаа отпишано, освојувајќи две гренд слем титули и заменувајќи го Рафаел Надал на првото место на АТП листата.

„Не можам да опишам што чувствувам. Ова е најголемата титула во мојата кариера и тоа против човекот кој речиси не загуби цела година. Сакам да споменам колку добра личност е тој и колку често разговараме со него, не само за тенисот. Нема да кажам што зборувавме денеска“, изјави Зверев, кој добива околу 2 милиони долари за трофејот.

Фото: ЕПА

Scroll to Top