Германскиот тенисер Александар Зверев смета дека принудната пауза која настана поради ширењето на вирусот КОВИД-19 повеќе ќе им користи на повозрасните тенисери. Тој најавува дека наскоро ќе се смени поредокот во светскиот тенис.
Сезоната во тенисот е суспендирана од почетокот на март. АТП и ВТА објавија дека паузата ќе трае до 13 јули меѓутоа веќе сега е јасно дека таа ќе биде продолжена.
Зверев смета дека од моменталната ситуација корист имаат Новак Ѓоковиќ, Рафаел Надал и Роџер Федерер, а не играчите од „новата генерација“.
„Тие имаат своја рутина и точно знаат што прават. Покрај тоа по секоја пауза тие делуваат свежо. Верувам дека овој прекин им е добредојден. Сепак сигурен сум дека „старата гарда“ наскоро ќе падне“, рекол Зверев.
Поради коронавирусот откажан е Вимблдон, Ролан Гарос ќе се игра во септември, а се уште не е познато што ќе биде со Ју-Ес опен.
Инаку Зверев со своето семејство се наоѓа во Флорида каде ги има сите услови за тренирање.