Top Sport

Без шанса против силната Хрватска, сега со Исланд на „мегдан“

Македонија во третиот натпревар на Светското првенство во ракомет во Германија и Данска го забележа првиот пораз откако Хрватска се покажа како пресилна селекција за нашите момци, стигнувајќи до превисока 31:22 победа.

Со овој резултат, Хрватска се пласира во втората рунда на натпреварувањето со минимални 2 поени (откако не победи нас и Исланд, двете репрезентации со шанси за пласман понатаму), додека за нас останува големата пресметка со „рибарите“ за третото место во групата.

Освен на почетокот, кога одевме гол-за-гол со „каубоите“, селекцијата на Лино Червар се покажа како пресилна за нас и посебно имавме проблем со нивниот напад. Во текот на првото полувреме, Хрватска создаде предност од дури +7, за на полувреме да се отиде со пет гола разлика (16:11).

Во второто полувреме имавме можност да ја намалиме оваа разлика на само три гола, но на крајот Хрватска, предводена со фантастичниот Мартин Шего на голот, одигра стабилно и на крајот стигна до убедлива победа за трет триумф на Мундијалот.

Дејан Манасков беше најрасположен за игра со седум постигнати голови, додека капитенот Кирил Лазаров по слабото прво полувреме, се „активираше“ во второто и заврши со пет гола. По три постигнаа Пешевски и Талески. За Хрватска, Домагој Дувњак постигна шест гола, додека по четири имаа Карачиќ, Мандиќ и Шипиќ.

Сега, за „четата“ на Раул Гонзалес следува ден одмор, пред во среда да се судриме со неговата матична Шпанија, пред во четврток да го играме одлучувачкиот дуел со Исланд.

Фото: ЕПА

СВЕТСКО ПРВЕНСТВО ГЕРМАНИЈА/ДАНСКА, 3.КОЛО

ГРУПА Б

Исланд – Бахреин 36:18 (16:10)

Македонија – Хрватска 22:31 (11:16)

Шпанија – Јапонија 20.30 ч.

Табела: 1.Хрватска 6, 2.Шпанија 4, 3.Македонија 4, 5.Исланд 2, 5.Јапонија 0, 6.Бахреин 0

ГРУПА А

Србија – Бразил 22:24 (11:14)

Русија – Германија 22:22 (10:12)

Франција – Кореја 20.30 ч.

Табела: 1.Германија 5, 2.Франција 4, 3.Русија 4, 4.Бразил 2, 5.Србија 1, 6.Кореја 0

 

ГРУПА Ц

Тунис – Чиле 36:30 (18:15)

Норвешка – Австрија 34:24 (16:13)

Данска – Саудиска Арабија 20.15 ч.

Табела: 1.Норвешка 6, 2.Данска 4, 3.Австрија 2, 4.Тунис 2, 5.Чиле 2, 6.С.Арабија 0

ГРУПА Д

Унгарија – Катар 32:26 (16:11)

Аргентина – Египет 20:22 (9:8)

Шведска – Ангола 20.30 ч.

Табела: 1.Унгарија 5, 2.Шведска 4, 3.Катар 2, 4.Ангола 2, 5.Египет 2, 5.Аргентина 1

Scroll to Top