Лино Червар, селекторот на ракометната репрезентација на Хрватска, не му остана должен на Пепи Манасков и веднаш одговори на неговата изјава дека „времето на Червар е минато“.
Во одговорот Червар егоистично и некоректно ја спомна и Македонија со зборовите дека „тие не би имале репрезентација да не бев јас таму да работам со тие деца“.
Македонската ракометна легенда, Пепи Манасков, во интервјуто за специјализираниот ракометен портал „balkan-handball.com“ објавено на 7 јануари, го даде своето мислење на прашањето дека Червар се вратил на кормилото на Хрватска за да го освои единственото злато кое му недостига во кариерата.
„Желбите се едно, а можностите нешто друго. Лино е ‘стар волк’, но мислам дека неговото време помина. Ова му е награда од страна на Хрватскиот ракометен сојуз. Најголемите успеси ги направил како селектор на Хрватска и ова му е благодарност, на крајот од кариерата, да се обиде да го освои она што му недостига“, рекол во интервјуто за „balkan-handball.com“, Манасков.
Два дена подоцна Черва не му остана должен на Манасков.
„Јас мислам дека не би требало да се коментира тоа, не знам зошто нашите го пренесоа тоа. Тоа ми е интересно, зошто? Мене ме провоцираат, или можеби сакаат да ме мотивираат, тоа не го знам. Сепак малку изгледа смешно. Јас сум еден од најтрофејните тренери во ракометот на овие простори. Штета е што човек кој имал добра кариера, бил некаков си играч, а потоа не работи, да си земе за право да ги оценува другите, како тоа луѓето тоа смеат да си го дозволат. Мислам дека тоа е лошо за спортот. Не е лошо за мене, знам што сум направил. Тие не би имале репрезентација да не бев јас таму да работам со тие деца“, вели Червар во интервјуто за телевизијата „РТЛ“.