Top Sport

Червар: На Штрлек местото му е во репрезентацијата

Лино Червар одговорил на писмото кое Мануел Штрлек го испратил до ракометниот сојуз на Хрватска и во кое бара да му биде дозволено повторно да игра за репрезентацијата. Играчот на Веспрем го откажа настапот на последното Европско првенство поради што првиот човек на Сојузот Зоран Гобац му порачал дека повеќе никогаш нема да игра за националниот тим.

За разлика од Гобац селекторот на Хрватска Червар е умерен во ставот околу враќањето на Штрлек во репрезентацијата.

„Сѐ може да се изведе. Мануел јас го внесов во репрезентацијата во 2008 година. Секако дека би сакал да се врати, но треба да го почитуваме целиот процес што следува, собранието на Сојузот ќе решава по овој случај. Би сакал да се врати, го почитувам како играч, мислам дека е еден од најдобрите десни крила во Европа. Ниту еден тренер не би се откажал од таков играч, особено не јас кој го внесов во репрезентацијата“, рекол Червар.

Селекторот дополнил дека му е жал што Штрлек не играл на последното ЕП на кое Хрватска го освои сребрениот медал.

„Тој е играч што прави разлика. Не би сакал никого да потценам, но играчите го почитуваат, тој е одлично момче, со него никогаш не сум имал проблеми. Лично му кажав дека ми жал што не играше на ЕП. Тогаш и претходно сум му кажал дека местото му е во репрезентацијата, тој го знае тоа“, заклучил Червар.

Scroll to Top