Откако Вардар стигна до две победи во двата меча од регионалната СЕХА Газпром лига, во идеалниот тим за октомври се најде Тимур Дибиров, како и тренерот Раул Гонзалес.
Вардар дома го победи ППД Загреб, 30:23, а на гости триумфираше кај Целје со 31:28 задржувајќи го максималниот скор од шест победи во шест натпревари, а во исто време го имаат најдобриот напад и најдобрата одбрана во лигата.
Во објаснувањето за изборот за Тимур Дибиров како најдобро лево крило се вели: „Да го имаш во најдобрите седум и не е изненадување. Вардар оствари две важни победи, против Загреб и Целје, а Дибиров постигна по шест голови на двете средби. Ретко оди под тоа ниво. Раул мора да е среќен што го има во тимот”
Нашиот тренер Раул Гонзалес е вистински командант што одлично го предводи тимот. За него медиа тимот на СЕХА напиша: „Вардар е недопирлив – шест натпревари и шест победи. Октомври е месец кога актуелниот првак покажува дека се подготвува да го повтори успехот, победувајќи го Загреб и Целје. И истовремено со големи постигнувања и во ЕХФ лигата на шампионите. Аплауз за Раул кој сѐ уште не знае како изгледа пораз сезонава”
Идеален тим за октомври 2017
Голман – Клемен Ферлин (Горење)
Лево крило – Тимур Дибиров (Вардар)
Десно крило – Бруно Буторац (Татран)
Пивотмен – Марин Шипиќ (Нексе)
Лев бек – Стипе Мандалиниќ (ППД Загреб)
Среден бек – Лука Митровиќ (Целје)
Десен бек – Константин Игропуло (Мешков)
Тренер: Раул Гонзалес (Вардар)
Фото: РК Вардар