Top Sport

Драматична победа над Фарските Острови за чекор до полуфинале

Македонската кадетска репрезентација стигна до 30:29 победа над Фарски Острови во драматична завршница за да се доближи на чекор до полуфиналето на ЕХФ шампионатот за ракометари до 18 години.

Репрезентацијата на малата островска земја поведе со 7:3 на почетокот на натпреварот, но нашите момци направија пресврт и имаа четири гола разлика, пред на полувреме да се отиде со 16:16. Противниците беа во предности во текот на второто полувреме, пред тимот на Данило Брестовац да стигне до победа во неверојатна завршница.

Марко Кизиќ одбрани седмерец во моменти кога имаше само уште осум секунди до крајот, пред Ненад Костески со гол во последната секунда да донесе победа за Македонија.

Мартин Серафимов со 9 голови беше најпрецизен во нашиот тим, Костески додаде 6 гола, а по 5 погодоци реализираа Кондев и Џигероски.

По оваа средба, Македонија и Швајцарија го делат првото место во групата, единствени со максимален учинок и по шест бода по првите три кола. Токму Македонија и Швајцарија во меѓусебен дуел утре од 11:00 часот по македонско време, ќе одлучат за победникот во групата, кој теоретски носи полесен противник на хартија во полуфиналето.

Scroll to Top