Веселин Вујовиќ пред шест дена имаше многу примедби на судењето на натпреварот што Загреб го загуби од Фленсбург 25:26. Вујовиќ и главниот менаџер на Загреб Божидар Јовиќ по мечот викале по судиите од Исланд. Казата за тој испад од Европската ракометна федерација (ЕХФ) ја соопштија во петокот.
„По 40 години јас и понатаму не ги знам ракометните правила како што ги знаат господата од Исланд. Се надевам дека некој одговорен ќе знае да го процени ова. Нека ми објаснат како во последните 30 секунди најпрвин судат седмерец на центарот, а потоа не го запираат часовникот во последните десет секунди. Дрско. Нека објаснат зошто, а не да зборуваат како се однесува Вујовиќ“, изјавил Вујовиќ пред шест дена.
Вујовиќ и Јовиќ се однесувале неспортски и непримерно, викале по судиите. ЕХФ го казни Вујовиќ со 2.000 евра, а бидејќи се наоѓал под условна казна, тој нема да може да го води својот тим на еден натпревар. Тоа ќе биде натпреварот со Барселона кој се игра утре.
Јовиќ од ЕХФ е казнет само со парична казна, со 1.500 евра.