Македонија, сепак, ќе има претставник на Фајнал фор турнирот од СЕХА лигата во Задар, откако Еурофарм Пелистер во одличен меч пред расположена публика по изведувањето на пенали стигна до 27:26 победа над белорускиот Мешков Брест.
Откако Вардар загуби од Нексе исто така на пенали , битолчани требаше да ја спасуваат македонската ракометна чест против сериозен противник, и го искористија тоа со одлична игра од почеток до крај на неизвесниот меч во салата „Боро Чурлевски“. Пелистерци ја имаа победата во свои раце во регуларните 60 мнути, но примија гол во последната секунда, приморувајќи повторно пенал-завршница.
Херој на Пелистер беше голманот Урбан Лесјак, кој го одбрани клучниот пенал на најдобриот ракометар на Брест, Микалај Аљохин.
Во полуфиналето во Задар, Пелистер ги чека вистински предизвик – унгарскиот гигант Веспрем, додека во второто (хрватско) полуфинле играат ППД Загреб и Нексе Нашице.
Фото: СЕХА Лига