Ракометарите на Еурофарм Пелистер разочараа во клучниот натпревар во групната фаза од Европската лига на ЕХФ откако загубија на домашен терен од Мотор Запорожје со 25:27. Македонскиот вицепрвак со тоа го заокружи настапот во Европа и нема да игра во нокаут фазата. Мотор Запорожје продолжува понатаму со дуел против Нексе.
Тимот на Ларс Валтер не можеше да пронајде вистински ритам во играта, а тоа гостите знаеја да го искористат и на полувреме обезбедија два гола предност (13:15).
Единствениот кој имаше решение за одбраната на Мотор беше Танкоски, но немаше поддршка од соиграчите.
Во 40. минута, Танкоски стрелаше за израмнување (19:19), но потоа битолскиот тим повторно дозволи Мотор да се одлечи и да поведе со 19:21.
Во последната минута „пелистерци“ имаа напад за реми и за пласман во осминафиналето, тренерот Ларс Валтер повика тајмаут, но завршниот удар на капитенот Радовиќ не беше прецизен. Мотор тоа го казни и во последните мигови стигна до конечни 25:27, за триумф и за пласман во нокаут фазата.