Хрватска ја победи Србија во балканското дерби, Шпанија ја победи Шведска, а Русија ја шокираше Норвешка, а Данска очекувано ја победи Словенија, во групата во која се наоѓа и Македонија.
Хрватска, по поразот од Франција, со победата над Србија 23:20, направи голем чекор кон пласман во наредната рунда. Хрватите имаа повеќе нерви и го имаа голманот Шуњиќ, во клучните моменти од натпреварот.
Ветеранот Шуњиќ, кој брани во втората француска лига, на теренот влезе во второто полувреме, одбрани пет шута, сите во моментите кога Србија се обидуваше да фати приклучок. Србите во последните 40 секунди постигнаа два гола со што избегнаа поубедлив пораз.
Чупиќ и Мартиновиќ со по шест гола ја предводеа Хрватска, ист број на голови кај Србија постигна Радивојевиќ.
Шпанците во Е-групата ја победија Шведска со 32:28 и во пресрет на последното коло се пласираа во втората фаза. Истото од Ф-групата им успеа и на Русите. Русија ја шокираше фаворизираната Норвешка со победата 23:22 и го направи најголемото изненадување во досегашниот тек од ЕП.
Данска во А-групата демонстрираше сила против Словенија. Најголемите фаворити за титулата славеа победа 34:23.