Никола Карабаиќ, играч кој ја обележа последната деценија во светскиот ракомет, сепак ќе игра на 26.Светското првенство, кое во четвртокот започна во Данска и Германија. Ова го најавил францускиот селектор Дидие Динар, по тешко извојуваната победа над Бразил 24:22.
Франција, во одбрана на светската круна тргна без Карабатиќ, но против Бразил очигледно беше дека на „триколорите“ тешко им оди без лидерот. Доколку на голот не беше извонредниот Венсан Жерар прашње е како ќе завршеше мечот против Бразил.
Карабатиќ, пред извесно време, имаше операција на левото стапало, а последните информации што со новинарите ги споделил селекторот Динар, говорат дека тој веќе започнал со тренинзите.
Играчот на Пари Сен Жермен вечерва во Германија ќе биде на трибините на натпреварот што Франција ќе го одигра против Србија. На тимот ќе му се приклучи од втората фаза.
„Никола започна да тренира о дел од тимот на ПСЖ. Разговарав со челниците на клубот и створени се сите услови тој да ни се приклучи. Тој е важен играч за нас, но најпрвин преку тренинзите ќе провериме во каква состојба се наоѓа. Тогаш ќе решиме дали ќе биде во тимот“, изјавил за „Лекип“, Динар.
Инаку, Карабатиќ од 2003 година учествувал на сите Олимписки игри, односно светски и европски првенства. Со Франција освоил златни медали на четири светски, три европски првенства и две олимпијади.