Металург го доби за противник тимот на Горење Велење од Словенија во третото коло во ЕХФ купот. Победникот од овој дво-меч ќе избори пласман во фазата по групи, во ова натпреварување, која ќе започне на 8 февруари наредната година.
Новиот тренер на екипата од скопската населба Автокоманда, Зоран Кастратовиќ е задоволен од противникот со кого ќе се соочат неговите играчи.
“Горење Велење, слично на Металург, е млада екипа засилена со неколку поискусни ракометари, меѓу кои би го издвоил Давид Миклавчиќ. Ги гледав натпреварите на Горење против Металопластика и сметам дека Металург има добри шанси во овој дуел. Овој тим на Металург има поголемо меѓународно искуство од младите ракометари на Горење, стекнато во настапите во Лигата на шампионите и во СЕХА-лигата во последните години и тоа е значителна предност“, изјавил за клупската интернет страница Кастратовиќ.
Новиот тренер на Металург ќе има еден месец да ги подготви своите играчи за дуелот со Горење. Првата средба ќе се игра во Велење, на 16/17 ноември, додека реваншот една недела подоцна во Скопје.