Top Sport

Кубанецот Родригез е четвртото засилување за РК Вардар 1961

Раководството на Вардар 1961 продолжи со ангажман на нови засилувања. Најново име е 21-годишниот кубански ракометар Хансер Микел Родригез. Тој стави потпис на договор со најтрофејниот машки македонски ракометен тим, и во следните две сезони ќе биде дел од екипата. Хансер Родригез е вториот Кубанец што ќе игра во Вардар.

Родригез беше прогласен за МВП, односно најкорисен играч на последниот шампионат во април за земји во развој, каде Куба стана првак. Родригез беше петти стрелец на шампионатот и успеа да постигне 27 погодоци, од 34 удари, и имаше одлична реализација од 80 отсто.

Иако е млад, тој веќе неколку години игра во Европа и на 18 години од Куба се пресели во Португалија каде играше за Спортинг Лисабон. Со тој тим дебитираше и во Лигата на Европа, а потоа беше дел од составите на Портимоненсе и на Брага.

За првиот и вториот тим на Спортинг има одиграно 27 натпревари и постигна 63 погодоци, додека за Брага минатата сезона на 28 меча даде 86 гола.

Родригез важи за ол-раунд играч, кој покрај тоа што игра на позицијата лев бек, исто тако може да игра и како лево крило и среден бек. Кубанскиот играч е четвртото официјално засилување за Вардар 1961 ова лето.

 

Scroll to Top