Ракометната репрезентација на Македонија вечерва ги почна подготовките за бараж двомечот против Чешка за пласман на Светското првенство. Селекторот Кире Лазаров вели дека ракометниот национален тим се соочува со голем предизвик, затоа што Чесите се најмалку 20% поквалитетни од Романија, селекцијата што ја елиминираа во првиот бараж.
„Дојдовме до тоа што го посакувавме, последен бараж за Светското првенство. Чешка е сериозна репрезентација која играше многу добро на Европско првенство. Тоа е селекција за респект, а ние сме пред голем предизвик. Ќе ги искористиме овие неколку дена да се подготвиме најдобро што моеме. Ако треба да ја споредам Чешка со Романија, ќе кажам дека се работи 15 до 20 отсто за повоиграна репрезентација. Но тоа нема да не исплаши, можеби ќе им ја препуштиме фаворитската улога на Чесите, меѓутоа нашата цел е јасна, сакаме на Светско првенство“, изјави селекторот Кире Лазаров.
Ракометната репрезентација ќе се комплетира в понеделник кога ќе пристигнат и ракометарите кои настапуваат во Бундеслигата, а првиот дуел од двомечот е в среда, на гостински терен.