Нант ниту во домашниот реванш не успеа да го победи Мотор Запорожје, откако загуби на домашен терен со 23:27 во меч во кој македонскиот капитен даде пет гола. Со овој пораз, Нант си ги влоши шансите за пласман на Фајнал фор и во моментов е на третото место во групата Б со 7 поени, 5 помалку од лидерот Пари Сен-Жермен.
Една недела откако на гости одиграа 30:30 против Мотор, во Нант домашниот тим имаше предност на полувреме (13:12), пред во клучните моменти гостите да направат предност која не ја пропуштија. Никола Клер беше најефикасен за Нант со шест гола, Лазаров имаше пет (од кои два од пенал), додека за гостите Литванецот Аиденас Маласинскас беше во фантастична форма со осум гола.
Слатка одмазда пак имаа во тимот на Целје, откако со 30:21 го „прегазија“ ППД Загреб праќајќи го клубот на Лино Червар на последното место во групата А. Сегед дозволи Скјерн да извлече реми (33:33) во Унгарија, додека Татран Прешов стигна до драматична 29:30 победа на гостувањето во Данска кај Бјеринбро/Силкеборг.
ЛИГА НА ШАМПИОНИ, 7.КОЛО
Бјерингбро/Силкеборг – Татран Прешов 29:30 (17:14)
Целје – ППД Загреб 30:21 (10:9)
Нант – Мотор Запорожје 23:27 (13:12)
Пик Сегед – Скјерн 33:33 (14:15)