Top Sport

Лазаров: Знам дека боли пораз со 12 гола разлика, но ова мора брзо да го заборавиме

Ракометната репрезентација на Македонија доживеа убедлив пораз (39:27) од Норвешка на стартот на Светското првенство во Полска и Шведска. На дуелот во Краков, избраниците на Кирил Лазаров беа инфериорни против силниот ривал.

Лазаров вели дека од овој пораз треба да се извлече голема поука и селекцијата да се фокусира на следните две искушенија, против Холандија и против Аргентина.

„Норвешка е една од најдобрите четири репрезентации во светот, тие се дојдени овде да освојат медал и навистина им посакувам многу успех на ова првенство. Сакам да им честитам за заслужената победа. Ние направивме премногу технички грешки за да можеме да се надеваме на нешто повеќе. Знам дека боли кога ќе се загуби со 12 гола разлика, но треба да го оставиме ова зад себе и да мислиме напред. Мислам дека ќе бидеме подобри на следните натпревари. Ние ги знаеме нашите цели за ова првенство, и ќе се обидеме да дојдеме до подобри резултати против Холандија и против Аргентина“, изјави селекторот Кирил Лазаров.

Македонија утре го игра следниот натпревар во Краков, против Холандија од 18 часот.

Scroll to Top