Top Sport

ЛШ: Митревски и Порто елиминирани по драматичниот финиш во Данска

Данскиот Алборг и актуелниот шампион Кил се следните два четврт-финалисти од ЕХФ Лигата на шампионите, откако бундеслигашот лесно пак го мина Пик Сегед, додека Алборг во драматичен меч го елиминираше Порто на македонскиот голман Никола Митревски откако стигнаа до 27:24 победа.

Бидејќи во првиот меч загубија со идентични три гола разлика (32:29), Алборг влегоа меѓу осумте најдобри поради повеќе постигнати голови на гости.

Португалците имаа фантастичен старт на мечот со 0:3 водство и со фантастичните одбрани на Митревски на голот, но Алборг се вратија и по 14 минути игра го преземаа водството со 6:5, за на полувреме да направат еден гол разлика (10:9). Алборг и во второто полувреме постојано го имаше водството, но само со гол или два гола разлика, за првпат да стигнат до посакуваните +3 дури во 57. минута од мечот. Феликс Клар со шест гола беше најефикасен за Алборг, додека за Порто, Виктор Итуриза исто така постигна шест гола.

Актуелните шампиони од ЛШ, германскиот Кил, пак, немаше вакви проблеми, стигнувајќи до втора победа над Пик Сегед, овојпат со 33:28. Кил имаа +5 од првиот меч во Унгарија, и не дозволија никакво изненадување, правејќи три гола предност по првото полувреме (18:15).

Вчера во четврт-финалето влезе и Барселона по новата победа над Елверум, како и Флензбург, откако ЕХФ дозволи да не се игра реваншот против ППД Загреб поради пандемијата на КОВИД-19 во хрватскиот клуб.

ЕХФ ЛИГА НА ШАМПИОНИ, 1/8 ФИНАЛЕ, 2.МЕЧ

Алборг – Порто 27:24 (10:9), прв меч 29:32, вкупно 56:56, Алборг има повеќе постигнати голови на гости

Кил – Пик Сегед 33:28 (18:15), прв меч 33:28, вкупно 66:56

Барселона – Елверум 39:19, прв меч 37:25

Флензбург – ППД Загреб вториот меч нема да се игра, прв меч 36:30

Кјелце – Нант 07.04, прв меч 25:24

Пари Сен-Жермен – Целје 08.04, прв меч 37:24

Мешков Брест – Мотор Запорожје 08.04, прв меч 30:32

Веспрем – Вардар 08.04, прв меч 41:27

Scroll to Top