Top Sport

Македонија без шанси против „зборнаја“, загубивме со огромни 12 гола разлика

Македонската ракометна репрезентација доживеа уште еден тежок пораз на Светското првенство во Египет, откако по катастрофалниот старт на мечот (со 1:7 негатива), немавме вистински шанси за надигрување со Русија, и загубивме со огромна разлика од 32:20 (19:9)

Најавата на селекторот Данило Брестовац дека не очекува „сушен“ период во репрезентативниот ракомет, полека се реализира уште на Мундијалот во Египет, каде што покажавме дека за разлика од минатото не сме подготвени да се бориме со најдобрите светски репрезентации.

По лошиот старт од 1:7 и реализација на шутеви под 50 отсто во првото полувреме, во второто малку ја поправивме играта, но недоволно да се доближиме на расположената „зборнаја“, која дури и ги одмараше клучните играчи пред борбата за место во четврт-финале. За нашата репрезентација пак, останува да се одработи мечот со Белорусија во последното коло од групната фаза и да се размислува за ракометната иднина и да се прават анализи на сработеното и тоа што треба да се сработи.

Филип Кузмановски со шест гола беше најефикасен во македонската репрезентација, Мартин Серафимов заврши со три, додека кај победниците, Игор Сорока уфрли шест, а Денис Василјев имаше четири гола.

 

Scroll to Top