Македонија ја оправда фаворитската улога против Словачка, во баражот ги доби двата натпревари и се пласира на 30-то Светско првенство. Македонија осми пат по ред, а 10-ти пат во историјата ќе игра на ракометен Мундијал.
Македонската ракометна репрезентација, противниците на Мундијалот, ќе ги чека од вториот шешир. Ждрепката ќе се одржи на 10 јуни.
32 репрезентации ќе бидат поделени во осум групи од по четири екипи. Првите три селекции ќе продолжат понатаму, а потоа ќе формираат четири нови групи со по шест репрезентации. Таму, филтерот е веќе многу погуст, само две екипи ќе поминат во четвртфиналето.
Екипите кои ќе се пласираат во втората фаза од Светското првенство играат најмалку шест натпревари.
Првиот шешир го сочинуваат Данска, Германија, Хрватска, Исланд, Португалија, Шведска, Египет и Аргентина.
Во вториот шешир се само европските селекции. Тука се Македонија, Франција, Словенија, Норвешка, Србија, Шпанија, Италија, Фарските Острови.
Во третиот шешир се Полска, Грција, Бразил, Бахреин, Тунис, Зелено’ртски Острови, Чиле и САД.
Четвртиот шешир засега има шест екипи. Тоа се Катар, Кувајт, Јапонија, Алжир, Ангола и Уругвај. Уште две екипи со специјални покани ќе влезат во тој шешир.
Првата фаза ќе се игра во Минхен, Штутгарт, Кил и Магдебург, втората во Келн и Хановер, додека нокаут фазата е во Келн.
Ќе се игра во САП Гарден, домот на кошаркарите на Баерн, Ланксес Арената во Келн, која е една од најголемите во Германија и има капацитет од 19.000 луѓе, арените во Кил и Магдебург кои беа изградени исклучиво за ракомет, како и во Порше и ЗАГ Арените во Штутгарт и Хановер.
30-то Светско првенство во ракомет ќе се одржи од 13 до 31 јануари 2027 година.
Foto/ EPA
