Женската ракометна репрезентација на Македонија вечерва (18 часот) го игра вториот натпревар на Европското првенство. Стартниот пораз од Франција (14:24) не ги демотивира избраничките на селекторот Љубомир Савевски кои ќе се обидат да им се спротистават на Холанѓанките.
Тие во првото коло ја добија тесно Романија со 29:28, па триумф денеска и дефинитивно ќе ги одведе во втората фаза. Важат за фаворитки во дуелот со Македонија, но изненадувања се секогаш можни, посебно ако селекцијата на Љубомир Савевски повторно одигра квалитетно во одбраната.
И покрај убедливиот пораз од Франција, која е еден од фаворитите за медал, сепак, Македонија дозволи само 24 гола, што секако е позитивен сигнал во пресрет на преостанатите два натпревари на ЕП, против Холандија вечерва и против Романија.
На ланскиот Мундијал, Холанѓанките завршија на деветтото место, со само една победа над европска селекција, и тоа повторно над Романија.