Женската ракометна репрезентација на Македонија вечерва (18 часот) против Романија ќе го одигра последниот натпревар од групата Ц на Европското првенство. Тоа е директна пресметка со Романките за пласман во главната фаза од шампионатот.
Селекторот Љубомир Савевски пред мечот со Романија изјави дека таа репрезентација не е на рангот на Франција и на Холандија, но, сепак, има завиден квалитет. Македонија ќе мора да направи чудо за да стигне до триумф.
„Не се на рангот на Холандија и на Франција, но Романките се големи фаворити во мечот со нас. Верувам дека македонските ракометарки ќе дадат се од себе во обидот да направиме успех. Ќе мора да ги сведеме на минимум техничките грешки кои ги имавме многу на претходните натпревари“, изјави селекторот Љубомир Савевски.
Капитенот Сара Ристовска вели дека ракометарките ќе вложат максимална борбеност до последната минута.
„Мора да продолжиме со максималната борбеност на натпреварите до последната минута. Романија е за нас последна шанса и мора да собереме сили и да одиграме најдобро што знаеме“, изјави Ристовска.