Ракометната репрезентација на Македонија загуби со 39:27 од Норвешка во првиот меч на Мундијалот во Полска. Тимот на Кирил Лазаров можеше да парира само во првите дваесетина минути, а потоа ривалот создаде убедлива разлика.
На полувремето Норвежаните имаа седум гола предност, а до крајот создадоа 12 гола позитива.
Дејан Манасков одигра добар натпревар и признава дека Норвешка беше многу подобар ривал.
„Можевме да се носиме дваесетина минути, а потоа нѐ прегазија. Ако направите многу технички грешки како ние, тогаш Норвешка тоа ќе го наплати. Сакам да им се заблагодарам на навивачите за огромната поддршка. Се надевам дека ќе продолжат да нѐ бодрат и против Холандија и Аргентина, а ние ќе мораме да бидеме многу подобри“, изјави Манасков.
Македонските ракометари следниот меч против Холандија го играат утре од 18 часот, а два дена подоцна е дуелот со Аргентина.