Top Sport

Математиката на страна, Австрија мора да „падне“!

Иако има шест различни комбинации на резултати со кои македонската ракометна репрезентација би се пласирала во втората фаза на Европското првенство, најдиректниот пат е едноставен – победа од два гола разлика над домаќинот Австрија за остварување на целта.

По поразот од Чешка, кој реално можевме да го избегнеме, за уште една недела ракомет за срцев напад ни е потребна победа. Мартин Поповски во интервју за веб-сајтот на ЕХФ вели дека никој не сака да размислува за предвремено враќање дома.

„Мораме да победиме со два или повеќе голови разлика, но нашиот менталитет секогаш е да се оди на победа и да не се калкулира. Затоа, само победа. Ако играме на високо ниво и ги отстраниме грешките од претходните два меча, имаме шанса. Австрија е силен противник, но по наша мерка – високи и силни. Квалитетот го имаме, треба да го покажеме“, вели Поповски.

Пред комплетирањето на првата фаза, извесно е само уште во групата Д, каде што Португалија и Норвешка со по две победи се веќе квалификувани, додека Франција ќе игра со Босна и Херцеговина само за честа.

Во групата Ф уште не се одредени патниците за втората фаза. Словенците се први фаворити, откако стигнаа до две победи над силните Шведска и Полска, и играат со Швајцарија во 18.15 часот, додека Шведска во директен дуел со Полска ќе одреди дали „трите круни“ ќе го следат патот на Франција со рана елиминација.

ЕВРОПСКО ПРВЕНСТВО 2020, 3.КОЛО

ГРУПА Б

Австрија – Македонија 18.15 ч.

Украина – Чешка 20.30 ч.

Табела: 1.Австрија 4, 2.Чешка 2, 3.Македонија 2, 4.Украина 0

ГРУПА Д

Босна и Херцеговина – Франција 18.15 ч.

Португалија – Норвешка 20.30 ч.

Табела: 1.Норвешка 4, 2.Португалија 4, 3.Франција 0, 4.БиХ 0

ГРУПА Ф

Швајцарија – Словенија 18.15 ч.

Полска – Шведска  20.30 ч.

Табела: 1.Словенија 4, 2.Шведска 2, 3.Швајцарија 2, 4.Полска 0

Фото: ЕПА

Scroll to Top