Металург на совршен начин стави крај на настапите во регионалната СЕХА Газпром лига, откако со 39:20 (19:7) го растури тимот на Војводина во „Борис Трајковски“. Мечот немаше никакво резултатско значење, бидејќи на тимот од Нови Сад му беше гарантирано шестото место, а Металург завршува како претпоследен, на деветтото место.
Сепак, огромната победа е мала одмазда против Војводина по тесниот 31:30 пораз на гостувањето во Нови Сад. Мечот започна со неверојатна низа на Металург од 5:0 и 10:1, за на полувреме македонскиот вице-шампион да има предност од дури 12 гола разлика (19:7). Темпото остана исто и во второто полувреме, и на крајот се чекаше само конечната разлика.
Мице Шилегов, Мартин Серафимов, Бојан Маџовски и Михајло Младеновиќ имаа по шест гола за Металург, додека кај гостите најефикасен беше Босанецот Ален Овчина со осум голови.
Фото: СЕХА лига