Top Sport

Милосављев блескаше, Вардар го нокаутира европскиот првак

Ракометарите на Вардар со победа стартуваа во новата сезона во Лигата на шампионите. Во дуелот на поранешниот и актуелниот европски првак, Вардар победи во Монпелје 27:24 (13:12). Наследникот на Арпад Штербик, Дејан Милосављев, ги предводеше црвено-црните до победата. Вардар триумфот го обезбеди во последните седум минути со серијата 5:1.

Вардар, кој со видно изменет состав и со нов тренер, влезе во новата сезона, со доминанта игра триумфираше во домот на актуелниот европски првак.

И овој нов Вардар, го задржа истиот стил на игра, а голманот Милосављев ги покажа своите квалитети и најави дека може да биде вистинскиот наследник на Штербик.

Вардар во целост го контролираше мечот во Монпелје, а единствен момент на криза играчите на Парондо го имаа во средишницата на второто полувреме, кога домашниот тим поведе 19:18. Сепак црвено-црните бргу ја надминаа кризата, израмнија, а потоа во последните седум минути го нокаутираа противникот.

Блескаше на голот на Вардар Милосављев со 15 интервенции, а нападот го предводеа Борозан со осум, Чупиќ со шест и Скубе со пет гола. Кај Монпелје подобри од останатите беа голманот Жерар со 12 интервенции и Кавтичник кој постигна шест гола.

Во второто коло, на 22.септември, Вардар ќе го пречека Кристијанштад.

Scroll to Top