Завршниот турнир во ракометната Лига на шампиони ќе се одигра денес и утре во германскиот град Келн. Пласман во завршницата покрај европскиот првак Вардар, изборија и три француски екипи ПСЖ, Нант и Монпелје.
Црвено-црните, во Германија, ќе ја бранат титула освоена минатата сезона и ќе се обидат да станат првиот тим, што успеал да ја одбрани европската круна, откако завршницата во Лигата на шампионите се игра во овој формат.
Исто така, Вардар сака да го повтори успехот на Сиудад Реал кој е последениот тим што ја одбранил титулата. Сиудад Реал, во стариот формат, стана европски првак во сезоните 2007/08 и 2008/09.
„Подготвени сме и се надевам дека можеме да стигнеме до крајот. Работевме напорно и верувам дека токму овој викенд ќе бидеме најдобри. Сите екипи кои се тука, заслужено се дел од Ф4. Психички и физички сме подготвени во сите 60 минути да се бориме во полуфиналето. Монпелје покажа дека е одличен тим. Играат брз ракомет, имаат одлична транзиција, опасни се еден на еден. Треба да бидеме спремни за секоја одбрана од 6-0, 5-1 и 4-2. Може сѐ да покажат. Одбраната е клуч на нашата игра. Одиме чекор по чекор. Фокусирани сме на Монпелје”, вели во една своја изјава вардаровиот ракометар Лука Циндриќ.
Противникот на Вардар, Монпелје, има една европска круна во клупската историја. Во сезоната 2002/03, во финалниот двомеч Монпелје го победи Портланд Сан Антонио. Интересно еден играч од тоа финале се уште е во екипа, тоа е прославениот репрезентативец Мишел Гигу.
Полу-финалето ќе биде отворено со дуелот помеѓу ПСЖ и Нант, во 15:15 часот, а потоа од 18 часот Вардар зќе игра против Монпелје.