Македонија е една од четирите држави во кои во следните две недели ќе се одигра Европското првенство (ЕП) во ракомет за жени, а кое беше официјално отворено со прес-конференција на која беа челниците на РФМ.
Претседателот на РФМ, Живко Мукаетов, потенцира дека е голема чест и одговорност што успеале да донесат едно ЕП во главниот град на Македонија.
„Во последните 15 години често бевме дел од големите натпреварувања, но секогаш бевме како навивачи или членови на нашата делегација. Сега конечно имаме можност да донесеме едно Европско Првенство овде, во нашиот главен град, во оваа прекрасна сала. Тоа е голема чест и голема одговорност. Благодарност за претставниците на медиумите и на целата јавност, на АМС и на ракометните работници, што заедно одработуваме нешто што ќе остане запаметено. Би сакал посебно да се заблагодарам на тимот од РФМ за ова европско првенство да го претставиме на едно највисоко ниво. Сега треба да го потврдиме сето она што го градевме сето ова време, очекувам сплотеност и заеднишство, македонската јавносст да покаже колку го сака спортот и ракометот, да покажеме дека можеме да се носиме на сите полиња, како организациски така и спортски“, изјави Мукаетов.
Потоа, Мукаетов преку видео-врска им се обрати на жолто-црвените ракометарките, кои го следеа настанот во својот хотел.
„Како што се договоривме, верувајте прво во себе, во тимот, во Македонија“, им порача Мукаетов.
Македонија својот прв меч на ЕП ќе го одигра утре против Франција, а во нашата група се уште Романија и Холандија.