Интернационалната ракометна федерација (ИХФ) ја одби понудата за финансиска помош од Интернационалниот олимписки комитет (ИОЦ) и порача тие средства да се дадат на федерациите на кои повеќе им требаат поради кризата со корона вирусот.
Пандемијата предизвика стопирање на светскиот спорт, а Олимпијадата во Токио, која требаше да се оддржи ова лето, условно е преселена за јули-август 2021 година. Поради ова одложување, интернационалните спортски федерации не ги добија милионските исплати од ИОЦ од ТВ-правата.
Но, ИХФ смета дека тие се доволно финансиски силни за да го изддржат финансискиот товар од пандемијата. ИХФ имаше профит од 6.8 милиони швајцарски франци во 2018 година, а се проценува дека поседува над 131 милиони швајцарски франци.
„Одговоривме до ИОЦ дека средствата за помош на интернационалните федерации можат да ги пренаменат за федерациите кои се погодени од КОВИД-19 пандемијата и одложувањето на Олимпијадата“, се вели во соопштението на ИХФ.