Top Sport

„Не умре и никогаш нема да умреш во моето срце, нека чуе цел свет – те сакам“

Македонската ракометна репрезентативка Јулија Николиќ (Портјанко) на 38-годишна возраст почина како последица на срцев удар. Таа, според информациите, починала кај Велес откако со семејството и пријателите се враќале од Грција.

Во Македонија се уште владее шок од страшната вест кој експресно се прошири вчера утрината, но Јулија која ќе остане запаметена како голем борец освен во нашата земја, остави трага и во опкружувањето.

Таа дел од својата кариера ја помина во хрватскиот клуб Подравка, а во Вардар настапуваше со три Хрватки – Андреа Пенезиќ, Андреа Човиќ и Маја Зебиќ. Таа на Инстаграм напиша емотивна порака за Николиќ.

„Не умре и никогаш нема да умреш во моето срце пријателке моја. Како што често една на друга си викавме те сакам, јас сега ти велам нека чуе цел свет дека те сакам до небото и нека драгите ангели те чуваат затоа што ти си мојот ангел“ напиша Зебиќ.

Македонската репрезентативка која е родена во Украина кариерата ја заврши во 2015 година.

Шест години го носеше дресот на Кометал Ѓорче Петров, потоа настапуваше во Турција, Франција и Русија. Потоа во сезоната 2009/10 играше за Подравка, па во 2013 година се врати во ЖРК Вардар.

Вечерва, пред мечот во „Јане Сандански“ меѓу Вардар 1961 и Монпелје во машка конкуренција ќе биде оддадена почит на Јулија Николиќ.

Scroll to Top