Ракометниот првак Вардар замина за Нови Сад каде утре ќе го игра реванш четвртфиналниот меч од СЕХА лигата против Војводина. На првиот меч „црвено-црните“ победија со 38:25 и се на чекор до пласман на Ф4 турнирот во регионалното натпреварување.
Тренерот Владо Недановски вели дека шанса ќе добијат и дел од помладите ракометари.
„Немаме многу време за одмор бидејќи сега имаме набиен распоред на натпревари. Вчера игравме домашно првенство, сабајлево трениравме и веднаш заминуваме за Нови Сад. Имаме голема предност од првиот натпревар, но без разлика на тоа ќе бидеме максимално фокусирани на натпреварот со Војводина. Тие во Скопје играа со комбиниран тим, но не знаеме како ќе биде сега. На секој меч одиме со мисла да победиме. Во Нови Сад ќе бидеме без Борко Ристовски, Стојанче Стоилов и Дарко Ѓукиќ. Нема што многу да менуваме во играта, треба само да го наметнеме нашето темпо. Секако ќе добијат шанса сите да играат“, изјави Недановски.
На Ф4 турнирот веќе обезбеди пласман Еурофарм Пелистер по двете убедливи победи против Татран Прешов.