Само 24 часа по важниот дуел од ЕХФ Лигата на шампионите, ракометарите на Вардар мораа да ја „одработат“ задачата и во СЕХА-лигата, пречекувајќи го во Скопје, српскиот тим на Војводина за да стигнат до својата петта победа во шест меча во регионалното натпреварување, овојпат со 26:23 (11:11) обезбедена во последните минути од мечот.
Неверојатниот распоред на натпреварувањата, го примора тренерот Едуард Кокшаров да калкулира со своите ракометари и во исто време да не го намали значењето на СЕХА-лигата, како што прават некои други клубови, како Веспрем.
Мечот започна доста израмнето, и дури по 20-тата минута од првото полувреме, Вардар успеа да се одвои на четири гола разлика (10:6), но гостите успеаја на полувремето да извлечат нерешен резултат (11:11).
И во второто полувреме, Вардар не успеа да се наметне и дури дозволи Војводина да води со +2 (13:15 во 36. минута од мечот), пред да направат пресврт и на 10 минути пред крајот да имаат два гола предност (22:20).
Сташ Скубе беше најефикасен за „црвено-црните“ со седум постигнати голови, шест додаде Димитар Димитриовски, додека стандардниот Иван Чупиќ уфрли пет. За гостите Страхиња Станковиќ беше најдобар стрелец со шест гола.
СЕХА ЛИГА, 6.КОЛО
Татран Прешов – Нексе 24:22 (14:12)
Вардар – Војводина 26:23 (11:11)
Фото: СЕХА лига