Ракометниот првак Еурофарм Пелистер ја зголеми малата словенечка колонија со средниот бек Домен Тајник. Еурофарм Пелистер потпиша тригодишен договор со 22-годишниот Словенец, кој доаѓа во Битола од Горење Велење и ќе им се придружи на сонародниците Лесјак и Цехте.
Се работи за ракометар со високи спортски перформанси, па иако е млад, има искуство од европски натпревари и трофеи со поранешниот клуб. Тајник е роден во Словење Градец, висок е 183 сантиметри, а тежок 88 килограми. Целата кариера ја мина во Велење, а од сезоната 2017/18 е член на сениорската екипа. Со Горење Велење стана шампион на Словенија, ги освои Купот и Суперкупот на Словенија, играше во Лигата на шампионите, а последните сезони беше дел од тимот кој настапи и во Европската лига. Тајник беше МВП на словенечкиот шампионат во сезоната 2021/22 и на Купот и Суперкупо на Словенија истата сезона.
Домен Тајник ги мина сите младински категории на словенечката репрезентација, а во Оран 2022 година настапи и за сениорскиот тим на Медитеранските игри.