По лошиот почеток на ракометните квалификации за Европското првенство и неубедливиот настап на Мундијалот, српските ракометари ќе имаат прилика во дуелите со Хрватска да го поправат впечатокот пред белградската публика.
Србија е во незавидна позиција по нерешениот резултат со Белгија и поразот од Швајцарија.
Селекторот Ненад Перуничиќ верува дека во двата квалификациски меча со Хрватите во Белград и во Задар подмладената селекција ќе го поправи впечатокот. На Хрватска и ја препушта фаворитската улога.
„Ние не се плашиме од никого. Овие играчи покажаа волја, мотив, дисциплина и тоа ме храбри. Јас верувам во победа против Хрватска“ – рече Перуничиќ.
Првиот дуел од балканските дерби пресметки ќе се игра во салата „Александар Николиќ“ во Белград во четврток, а потоа следува дуелот во Задар.