Амбициозниот унгарски шампион Пик Сегед ќе биде противник на Вардар во четврт-финалето на Лигата на шампионите, откако Унгарците и во вториот осминафинален меч лесно го совладаа полскиот Висла Плоцк, овојпат со 23:16 (13:8).
Откако Сегед триумфираше на првиот меч на гости со 22:20, беше јасно дека тој ќе биде противникот на македонскиот шампион, но не смееше да дозволи изненадување со Висла, кои претходно драматично се протнаа во осминафиналето.
Тие не оставија ништо на случајноста, водејќи со гол-два разлика во текот на првото полувреме, пред во финишот да се одлепат на +5. Во второто полувреме, оваа разлика се зголемуваше и стигна до плус осум пред конечните 23:16. Бенце Банхиди ги предводеше домаќините со седум гола, додека кај гостите Томаш Гебала имаше пет гола.
Ова е трето четврт-финале за Пик Сегед во последните пет години со што покажуваат дека се екстремно сериозен тим, посебно на домашен терен, каде што имаат низа од 10 меча без пораз во Лигата на шампионите. Во клубот играат поранешните вардарци Жоан Кањелјас и Хорхе Македа, а на клупата исто така седи шпански тренер, Хуан Карлос Пастор.