Top Sport

Ракометарите од денеска во „мисијата Чешка“

Македонската ракометна репрезентација од денеска е на мини подготовки за двата клучни натпревара за пласман на следното Светско првенство. Националниот тим в среда и в сабота ќе ги одигра двата дуела против Чешка кои ќе го дадат патникот на мундијалот што во јануари следната година ќе се одржи во Полска и во Шведска.

Чешка е домаќин на воведната средба в среда, а реваншот в сабота, најдобрите македонски ракометари ќе го одиграат во Скопје каде се чини ќе ја бараат шансата за ново учество на ракометните мундијали и продолжување на континуитетот настапи на големите ракометни собири.

Селекторот Кире Лазаров пред неколку дена го објави списокот репрезентативци со кои ќе и се противстави на Чешка. Поради повредата на Цветан Кузманоски, на левата крилна позиција се повикани Дарко Кондев од Тиквеш и Петар Атанасијевиќ од Еурофарм Пелистер, за нив ова е прв собир со А репрезентацијата. По повредата се враќа и бекот на Вардар, Марко Мишевски.

Собирот е закажан за денеска во 18.30 часот во хотелот „Александар Палас“. Македонската репрезентација во првата фаза од баражот за пласман на Светското првенство го доби двомечот со Романија.

Scroll to Top