Top Sport

РК Металург официјално е префрлен во најнизок ранг на натпреварување

Ракометниот клуб Металург, некогашната гордост, четврт-финалист на Лигата на шампионите и повеќекратен шампион на Македонија и освојувач на Купот, е исклучен од плеј-офот во машката Супер лига. Ова значи дека автоматски е префрлен во најнизок ранг на натпреварување.

Металург не го одигра првото коло од разигрувањето за опстанок, а од РФМ стигна и одлуката со која се потврдува дека клубот не ги исполнува условите за учество во системот на натпреварување.

„Согласно пропозициите на Ракометна Федерација на Македонија за Супер машката ракометна лига за натпреварувачка сезона 2021/2022, со Член 13 став 4 и 5 е предвидено дека секоја екипа е должна да пријави листа со минимум 16 и максимум 35 ракометари со валиден лекарски преглед со цел да добијат лиценца и да бидат внесени во системот на играчи, во спротивно екипата нема да биде вклучена во системот на натпревари.

Листата заедно со лекарскиот преглед треба да се достави до РФМ најдоцна 14 дена пред почетокот на есенскиот дел и 14 дена пред почетокот на пролетниот дел на натпреварувањето.

По извршениот увид во доставената документација Комисијата за регистрација и лиценцирање заедно со Комесарот за натпревари утврдија дека ракометниот клуб РК Металург АД не ги исполнува условите за учество во системот на натпреварување при РФМ“, се вели во одлуката на Ракометната федерација на Македонија.

Следната сезона Металург ќе може повторно да се пријави во системот на натпреварување на РФМ, но ќе мора да тргне од најнизок ранг на натпреварување.

Scroll to Top