Ракометното дерби меѓу РК Вардар 1961 и Еурофарм Пелистер е во фокусот на вниманието. Во пресрет на неделниот меч, рака си подадоа претседателите на двата клуба, а актуелниот шампион Вардар направи уште голем потег во чекор на спортското витештво. „Црвено-црните“ јавно истакнаа дека не се сомневаат во судиската двојка Митревски – Тодоровски, иако двајцата се битолчани.
„Пред неделното ракометно дерби со Еурофарм Пелистер, кое е најголемото ракометно ривалство во Македонија, и по делегирањето на официјалните лица на натпреварот ракометниот клуб Вардар сака да даде поддршка на спортскиот аспект на натпреварот.
Вардар верува дека целиот меч ќе мине во крајно коректна и спортска атмосфера, и официјалните лица делегирани за овој меч ќе бидат на висината на својата задача, исто како и сите други учесници на мечот.
Македонија секогаш имала квалитетни судии, а меѓу нив се двојката Митревски – Тодоровски кои ќе бидат дел од нашиот ракометен дуел. Со своето знаење, искуство и интегритет многупати досега покажале дека се зрели за вакви натпревари. Ние ќе се обидеме да им овозможиме да имаат што е можно полесна задача.
На дерби средбите на кои играл Вардар секогаш правдата ја делеле најдобрите, најчесто Николов – Начевски, моментно најдобриот светски судиски пар. За нас никогаш не било важно кој ја дели правдата, и кој е делегат, и затоа сакаме да им дадеме целосна поддршка на официјалните лица и да им посакаме успешен натпревар, каде треба да победи моментно подобрата екипа.
Ќе се бориме за секоја топка и на секој сантиметар од теренот. Треба да победи спортот и ракометот.
Од навивачите на двата тима очекуваме подеднакво спортско однесување на трибините, и заеднички да се направи вистинска ракометна фешта.
Ве очекуваме во недела во СЦ „Јане Сандански“, велат од Вардар.